Кога член на Триглав задолжителен пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, тој самиот го одредува начинот на исплата на акумулираните средства на неговата сметка, при што, возможни се неколку решенија:
- купување на пензиски ануитет (доживотен непосреден ануитет), кој што се исплаќа до крајот на животот,
- програмирани повлекувања, или
- комбинација на опциите наведени погоре.
За исплата на средствата од индивидуална сметка преку доживотен непосреден ануитет, членот потпишува полиса за ануитет со друштво за осигурување, додека за исплата на средствата преку програмирани повлекувања, членот потпишува договор за програмирани повлекувања со пензиско друштво.
Во случај на исплата на средствата преку комбинација од привремени програмирани повлекувања и доживотен одложен ануитет, членот потпишува договор со пензиско друштво и склучува полиса со друштво за осигурување.
Полисата за ануитет е нераскинлив договор. Друштвото за осигурување не смее да ја раскине полисата за ануитет ниту во случај на согласност на корисникот на пензија.
Корисникот на пензија може да ги замени доживотните програмирани повлекувања обезбедени од пензиското друштво со користење на преостанатите расположливи средства од индивидуалната сметка за купување доживотни програмирани повлекувања од друго пензиско друштво, купување на доживотен ануитет од друштво за осигурување, или за купување на привремени програмирани повлекувања, комбинирани со доживотен одложен ануитет.
Во случај кога корисникот на пензија одбира привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет, може во секој момент да ги замени привремените програмирани повлекувања обезбедени од едно пензиско друштво со користење на преостанатите расположливи средства од индивидуална сметка за купување на привремени програмирани повлекувања од друго пензиско друштво за преостанатиот период, но не може да ја раскине полисата за одложен ануитет.
Друштво за осигурување и пензиско друштво не смее да одбие склучување на договор, или полиса за анунтет со член кој ја одбрал неговата понуда.
Корисникот на пензија од прв столб може да одложи остварување пензија од втор столб најмногу до 3 години од денот на стекнувањето на правото на старосна пензија од прв столб. По истекот на овој период, корисникот на пензија треба да избере еден од пропишаните видови на исплата на пензија од втор столб. Доколку тоа не го стори, станува корисннк на пензија од втор столб преку доживотни програмирани повлекувања од задолжителниот пензиски фонд, каде што има индивидуална сметка.