Важна информација за осигурениците со бенефициран стаж

3. 7. 2020

Триглав пензиско друштво АД Скопје им препорачува на членовите на задолжителен пензиски фонд (втор столб на пензискиот систем), осигуреници со бенефициран стаж  кои за време на својот работен век се стекнале со стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година, навремено да се информираат за последните законски измени, кои се однесуваат на нивните права како осигуреници.
 

Овие членови, почнувајќи од 1-ви јули, 2020 година, можат да изберат дали ќе го продолжат своето членство во капитално финансираното пензиско осигурување (втор столб), или пак ќе одлучат да ги пренесат своите пензиски заштеди во државниот фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОСМ), и во иднина ќе останат осигуреници само во првиот столб.
 

Осигурениците треба да донесат одлука најдоцна до 30-ти септември, 2020 година.
 

Ако осигуреникот одлучи да остане член во вториот столб, треба да поднесе  писмена изјава за продолжување на членството во втор столб, која е достапна на веб страната на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС (mapas.mk ).
 

Доколку изјавата не биде поднесена во предвидениот рок, членството на осигуреникот во вториот столб престанува да важи на 1-ви октомври, 2020 година.
 

Триглав пензиско друштво повикува на информирана одлука, со оглед на фактот што донесениот избор за продолжување или прекратување на членството во вториот столб е одлука, која што нема да може во иднина да се промени и ќе влијае на идниот износ на пензија, која што ќе ја добиваат овие осигуреници.
 

За подетални информации, обратете се на телефонскиот број:   +389 2 5102 198

Podijeli na:
Share on Google+