Кога ќе остварите право на пензија...

НАЧИНИ НА ИСПЛАТА НА ПЕНЗИИ

Кога член на Триглав задолжителен пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, тој самиот го одредува начинот на исплата на акумулираните средства на неговата сметка, при што, возможни се неколку решенија:

  • купување на пензиски ануитет (доживотен непосреден ануитет), кој што се исплаќа до крајот на животот,
  • програмирани повлекувања, или
  • комбинација на опциите наведени погоре.

За исплата на средствата од индивидуална сметка преку доживотен непосреден ануитет, членот потпишува полиса за ануитет со друштво за осигурување, додека за исплата на средствата преку програмирани повлекувања, членот потпишува договор за програмирани повлекувања со пензиско друштво.

 

Во случај на исплата на средствата преку комбинација од привремени програмирани повлекувања и доживотен одложен ануитет, членот потпишува  договор со пензиско друштво и склучува полиса со друштво за осигурување.

 

Полисата за ануитет е нераскинлив договор. Друштвото за осигурување не смее да ја раскине полисата за ануитет ниту во случај на согласност на корисникот на пензија.

 

Корисникот на пензија може да ги замени доживотните програмирани повлекувања обезбедени од пензиското друштво со користење на преостанатите расположливи средства од индивидуалната сметка за купување доживотни програмирани повлекувања од друго пензиско друштво, купување на доживотен ануитет од друштво за осигурување, или за купување на привремени програмирани повлекувања, комбинирани со доживотен одложен ануитет.

 

Во случај кога корисникот на пензија одбира привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет, може во секој момент да ги замени привремените програмирани повлекувања обезбедени од едно пензиско друштво со користење на преостанатите расположливи средства од индивидуална сметка за купување на привремени програмирани повлекувања од друго пензиско друштво за преостанатиот период, но не може да ја раскине полисата за одложен ануитет.

 

Друштво за осигурување и пензиско друштво не смее да одбие склучување на договор, или полиса за анунтет со член кој ја одбрал неговата понуда.

 

Корисникот на пензија од прв столб може да одложи остварување пензија од втор столб најмногу до 3 години од денот на стекнувањето на правото на старосна пензија од прв столб. По истекот на овој период, корисникот на пензија треба да избере еден од пропишаните видови на исплата на пензија од втор столб. Доколку тоа не го стори, станува корисннк на пензија од втор столб преку доживотни програмирани повлекувања од задолжителниот пензиски фонд, каде што има индивидуална сметка.


СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА

Во случај на смрт на член на Триглав задолжителен пензиски фонд, чии членови на семејството имаат право на семејна пензија, Друштвото за управување пресметува семејна пензија преку програмирани повлекувања според следниве правила:

а) Доколку има најмалку еден корисник кој семејната пензија ќе ја користи доживотно, се пресметува поединечна доживотна пензија преку програмирани повлекувања за најмладиот корисник кој ќе ја користи пензијата доживотно.

 

б) Доколку нема корисници кои семејната пензија ќе ја користат доживотно, се пресметува

поединечна привремена пензија преку програмирани повлекувања за најмладиот корисник, кој ќе ја корнсти пензијата времено.

 

Во двата случаи, доколку вака пресметаната семејна пензија е поголема, или еднаква на пензијата пресметана од Фондот на ПИОМ, тогаш носителот на правото на семејна пензија има право да избере дали:

  • средствата на индивидуална сметка на членот ќе ги задржи и ќе се откаже од семејната пензија од прв столб, по што Друштвото за управување започнува со исплата на програмирани повлекувања;
  • средствата од индивидуалната сметка на членот ќе се пренесат во Фондот на ПИОМ, од каде ќе се исплатува семејната пензија.

в) Доколку починатиот член на Триглав задолжителен пензиски фонд нема членови на семејството, кои имаат право на семејна пензија согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, средствата од сметката на тој член стануваат дел на оставинска маса на оставителот и со тие средства се постапува согласно Законот за наследување.


ИНВАЛИДСКА ПЕНЗИЈА

Друштвото за управување пресметува инвалидска пензија како поединечна доживотна пензија преку програмирани повлекувања и доколку вака пресметаната пензија е поголема, или еднаква на пензијата пресметана од Фондот на ПИОМ, тогаш носителот на правото на семејна пензија на вториот столб има право да избере дали:

  • средствата на индивидуална сметка на членот ќе ги задржи и ќе се откаже од инвалидската пензија од прв столб, по што Друштвото за управување започнува со исплата на програмирани повлекувања;
  • средствата од индивидуалната сметка на членот ќе се пренесат во Фондот на ПИОМ, од каде ќе се исплатува инвалидска пензија.

Доколку пресметаната семејна, или индвалидска пензија од втор столб е помала од износот на пензија од прв столб, средствата се пренесуваат во Фондот на ПИОМ, од каде се врши исплата на семејна, односно инвалидска пензија.

 

Кога член, или времено распределен осигуреник на Триглав задолжителен пензиски фонд ќе стекне право на времена инвалидска пензија, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, времената инвалидска пензија ја исплаќа Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, а средствата од индивидуалната сметка на членот остануваат во Триглав задолжителен пензиски фонд сѐ додека членот не оствари право на старосна, инвалидска, или семејна пензија.


ШТО ВО СЛУЧАЈ КОГА НЕМАТЕ ДОВОЛНО СТАЖ?

Кога член на Триглав задолжителен пензиски фонд нема да стекне право на старосна пензија согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, заради тоа што нема навршено пензиски стаж најмалку 15 години, може да купи месечен пензиски ануитет, доколку износот на ануитетот е еднаков, или поголем од 40% од најнискнот износ на пензија. Кога пресметаниот износ на пензискиот ануитет е помал од 40% од најнискиот износ на пензија, Триглав задолжителен пензиски фонд на членот наеднаш ќе му ги исплати акумулираните средства на неговата сметка.

 

Купувањето пензиски ануитет и исплата на акумулираните средства  може да се изврши по достигнување возраст од 65 години.