Инвестирање на средствата

КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ИНВЕСТИЦИСКИТЕ АКТИВНОСТИ НА ТРИГЛАВ ОТВОРЕН ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПЕНЗИСКИ ФОНД – СКОПЈЕ ЗА ПЕРИОДОТ 01.01.2022 - 31.12.2022 ГОДИНА


Средствата на Триглав задолжителен пензиски фонд се инвестираат согласно закон и други прописи од областа на капитално финансираното пензиско осигурување и со Инвестиционата стратегија и Инвестиционата тактика, донесени од Управниот одбор на Друштвото за управување, од кои Инвестиционата стратегија ја потврдува Надзорниот одбор.

 

Тргувањето со хартии од вредност на Триглав задолжителниот пензиски фонд од страна на Друштвото за управување се врши на регулирани секундарни пазари на капитал, на пазари преку шалтер и на примарни пазари,  за инструменти кои ги исполнуваат условите од законот и прописите донесени од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

 

Друштвото за управување може:

  • да склучува договори за купопродажба на акции во сопственост на задолжителниот пензиски фонд во случај на преземање на акционерското друштво преку јавна понуда за преземање;
  • да купува акции издадени од акционерскн друштва кои ги исполнуваат условите од Правилникот за инвестирање на средствата на задолжителните пензиски фондови, на јавна понуда (дополнителна емисија на акции);
  • да купува должнички хартии од вредност кои ги исполнуваат условите за издавачот и емисијата од Правилникот за инвестирање на средствата на задолжителните пензиски фондови, во случај на јавна понуда и
  •   да купува документи за удел и да поднесува барање за откуп на документите за удел директно од/на друштвото кое управува со отворени инвестициони фондови, издадени по пат на јавна понуда.

Средствата на Триглав задолжителен пензиски фонд можат да се инвестираат само во следните видови инструменти:

 

а) депозити во банки, кои имаат дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија, доколку носат камата;

б) обврзници и други хартии од вредност што ги издала, или за кои гарантира Народната банка на Република Македонија;

в) сертификати за депозит, комерцијални записи и обврзници издадени или гарантирани од банки, кои имаат дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија;

г) хартии од вредност врз основа на хипотека, издадени од банки, кои имаат издадена дозвола од Народната банка на Република Македонија;

д) обврзници и други хартии од вредност, што ги издава, или за кои гарантира Република Македонија на домашниот пазар;

ѓ) акции од домашни акционерски друштва, кои не се затворени инвестициони фондови, издадени врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и кои котираат на официјалниот пазар, или се тргуваат на пазарот на акционерски друштва, со посебнн обврски за известување во рамки на редовниот пазар на берзата на хартии од вредност, или на друг организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што го контролира Комисијата;

е) обврзници, издадени врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, кои котираат на официјалниот пазар на берзата на долгорочни хартии од вредност, или на друг организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што го контролира Комисијата, издадени од единиците на локалната самоуправа и од домашни акционерски друштва, кои не се банки;

ж) комерцијални записи, издадени од првокласни акционерски друштва во Република Македонија, кои не се банки;

з) документи за удел и акции на отворени инвестициски фондови, затворени инвестициски фондови и приватни инвестициски фондови, регистрирани во Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, при што средствата на приватните инвестициски фондови се вложуваат во акции и удели на микро, мали и средни трговски друштва во Република Македонија, дефинирани со Законот за трговски друштва;

ѕ) обврзници и други хартии од вредност, издадени од странски влади и централни банки на државите членки на Европската унија и на ОЕЦД;

и) должнички хартии од вредност, кои имаат рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции, издадени од недржавни, странски компании, или банки од државите членки на ЕУ и на ОЕЦД;

ј) акции, издадени од странски компании, или банки, кои имаат рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции, со кои се тргува на главните берзи во државите членки на ЕУ и на ОЕЦД;

к) документи за удел, акции и други инструменти, издадени од овластени инвестициони фондови со седиште во држава - членка на ЕУ, или на ОЕЦД, што инвестирале претежно во инструменти кои котираат на берзите во тие држави и чија инвестициона политика дозволува користење на деривативни инструменти најмногу до 20% од средствата на инвестициониот фонд, единствено со цел заштита на средствата и обврските на инвестициониот фонд, или за поефикасно остварување на целите на инвестиционата политика на инвестициони фондови, кои ги следат перформансите на одреден индекс;

л) друг вид на вложување, согласно актите на Агенцијата, под услов тоа да не е во спротивност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.