Инвестирање на средствата

КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ИНВЕСТИЦИСКИТЕ АКТИВНОСТИ НА ТРИГЛАВ ОТВОРЕН ДОБРОВОЛЕН ПЕНЗИСКИ ФОНД -СКОПЈЕ ЗА ПЕРИОДОТ 01.01.2022-31.12.2022 ГОДИНА


Средствата на Триглав доброволен пензиски фонд се инвестираат согласно закон и други прописи од областа на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување и со Инвестиционата стратегија и Инвестиционата тактика, донесени од Управниот одбор на Друштвото за управување, од кои Инвестиционата стратегија ја потврдува Надзорниот одбор.

Тргувањето со хартии од вредност на Триглав доброволен пензиски фонд се врши на регулирани секундарни пазари, на пазари преку шалтер и на примарни пазари за инструменти, кои ги исполнуваат условите од законот и прописите донесени од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Инвестирањето на средствата на Триглав доброволен пензиски фонд се врши со цел остварување највисок принос единствено во корист на членовите и пензионираните членови на Триглав доброволен пензиски фонд и преку диверзификација и финансиска анализа се минимизира ризикот од загуби:

а) кои би настанале поради неплаќање на издавачот, или другата договорна страна;

б) кои произлегуваат од влијанието на домашните и странски финансиски пазари;

в) во реалната вредност на средствата на доброволниот пензиски фонд поради инфлација;

г) кои се последица од продажба на средствата на доброволниот пензиски фонд поради обезбедување на ликвидност на доброволниот пензиски фонд.


Структурата на инвестициите Друштвото за управување ја прилагодува на фактичката состојба на пазарот и конкретните инвестициони состојби, со цел да се остварат стабилни и високи приноси во Триглав доброволен пензиски фонд.


Средствата на Триглав доброволен пензиски фонд можат да се инвестираат само во следните видови инструменти:

а) банкарски депозити во банки кои имаат дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија, доколку носат камата;

б) обврзници и други хартии од вредност што ги издала, или за кои гарантира Народната банка на Република Македонија;

в) сертификати за депозит, комерцијални записи и обврзници издадени, или гарантирани од банки кои имаат дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија;

г) хартии од вредност врз основа на хипотека, издадени од банки кои имаат дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија;

д) обврзници и други хартии од вредност, што ги издава, или за кои гарантира Република Македонија на домашниот пазар;

ѓ) акции од домашни акционерски друштва, кои не се затворени инвестициони фондови, издадени врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и кои котираат на официјалниот пазар, или се тргуваат на пазарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување во рамките на редовниот пазар на берзата на хартии од вредност, или на друг организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што го контролира Комисијата;

е) обврзници издадени врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, кои котираат на официјалниот пазар на берзата на долгорочни хартии од вредност, или на друг организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што го контролира Комисијата, издадени од единиците на локалната самоуправа и од домашни акцинерски друштва, кои не се банки;

ж) комерцијални записи издадени од акционерски друштва во Република Македонија, кои не се банки;

з) документи за удел и акции на инвестициони фондови во Република Македонија, кои имаат одобрение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија;

ѕ) обврзници и други хартии од вредност, издадени од странски влади и централни банки на земјите членки на Европската унија и земјите членки на ОЕЦД;

и) должнички хартии од вредност, издадени од Европската централна банка, Европската инвестициона банка и Светската банка;

ј) должнички хартии од вредност, кои имаат рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции, издадени од единиците на локалната самоуправа, недржавни, странски компании, или банки од земјите членки на ЕУ и земјите членки на ОЕЦД;

к) акции издадени од странски компании, или банки, кои имаат рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции, со кои се тргува на главните берзи во земјите членки на ЕУ и земјите членки на ОЕЦД;

л) документи за удел, акции и други инструменти, издадени од овластени отворени и затворени инвестициони фондови со седиште во земја членка на ЕУ и земјите членки на ОЕЦД;

љ) друг вид на вложувања, согласно актите на Агенцијата, под услов тоа да не е во спротивност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.