Основна цел на реформираниот пензиски систем е грижата и заштитата на интересите на секој нејзин член, преку обезбедување долгорочна стабилност на пензискиот систем и сигурност на осигурениците.
1. Задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. За ова осигурување се грижи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Преку овој столб се обезбедува остварување на права од пензиско и инвалидско осигурување во случај на старост, инвалидност и смрт, што значи дека се исплаќа дел од старосната пензија, инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија.
2. Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци, што ги остварува секое лице. Имено, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки. Овие средства понатаму се инвестираат и добивката, намалена за трошоците на работењето на системот, се додава на средствата на индивидуалните сметки. Преку овој столб се обезбедува остварување право на пензиско осигурување во случај на старост, односно се исплаќа старосна пензија (дополнително на пензијата од првиот столб).
Секој осигуреник може да избере само еден задолжителен пензискиот фонд.
Висината на придонесот кој се пренесува во задолжителен пензиски фонд изнесува 6% од бруто платата, а во Фондот на ПИОМ останува придонес во висина од 12,8%. од бруто платата.
3. Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на доброволна основа. Во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат подобра материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и оние кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.
Секој осигуреник може да има една доброволна индивидуална и една професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на осигурениците и на нивните средства.
За членовите на третиот столб нема ограничување во однос на висината и фреквенцијата на уплата на доброволен придонес.